Да не започнуваме со фалби и пристрасни коментари колку е
акваристиката добро и интересно хоби, и слично. Ќе наведеме само дека
акваристиката не е само чување на "шарени риби" во стаклена кутија,
нешто што ќе послужи за вашите деца да имаат со што да си играат додека вие
гледате телевизија.
Точно е дека дел од ова хоби е чувањето на риби (кои
понекогаш знаат да бидат и шарени,односно да имаат убав изглед,што е всушност и
основна причина поради која ги одгледуваме), но сепак,вистинската намена на аквариумот
е да претставува украс на домот, простор во кој ќе внесете дел од природата.
Друга намена е и потенцијалното психотерапевтско дејство на тоа парче природа.
Нагласуваме -потенцијално, затоа што ако спаѓате меѓу ретките кои гледањето во
аквариум не ги смирува, тогаш треба да си најдете друго средство за релаксација
(не лексилиум!) :).
Вашиот аквариум треба да претставува една биолошка
хармонија на сите негови жители: риби, растенија, полжави и друг вид водна
фауна, микроорганизми... Нарушувањето на биолошката рамнотежа во аквариумот
предизвикува трајни последици, кои не можат да ги исправат скапите технички
уреди за одржување на аквариумот (филтри, пумпи, грејачи), ниту лековите кои би
ги користеле репресивно, а најчесто по препорака на "полуписмените"
продавачи во зоо-шоповите. На страниците на овој сајт ќе се обидеме, онолку
колку што сме во можност да ви ги претставиме основните параметри потребни за
формирање на "здрав", квалитетен аквариум, и за што поуспешно
занимавање со ова хоби.
Моменталната ситуација (барем просечната) кај нас е
следна:
Уште еднаш да повториме: Смислата на акваристиката е да се
формира верна копија на природна средина, со сите нејзини атрибути. За тоа се
потребни: знаење, време, нерви и мнооогу љубов кон ова хоби. Ова последново и
не е проблем, кога ќе го формирате вашиот прв вистински аквариум, не можете а
да не се заљубите! :)
Околу знаењето можеме и да помогнеме, затоа и постои овој
сајт, а околу времето и нервите ќе треба да се погрижите самите.
Сепак, најголемото задоволство во акваристиката не е формирањето
на добар аквариум, туку добивањето на риби од свое сопствено
"производство". Ретки се оние видови кои не можат да се размножуваат
во аквариумски услови. Авторите на овој мини-сајт веќе успесно имаат изведено
мрестење на пристоен број видови аквариумски риби и со задоволство ќе ги
споделат сите свои искуства со сите заинтересирани, без "тајни на
занаетот" - со гаранција! :)
За сега, креирани се само страниците во кои е опишан мрестот на скаларите.
Погледнете:
Денес може да се најде обилна литература од областа на
акваристиката. Но тука има еден проблем: литература има секаква, ја пишуваат
акваристи и "акваристи", а на две различни места често можат да се
најдат и различни и контрадикторни информации за еден ист вид, а често, и ако
ги најдете вистинските информации, потребни ви се подетални. А книгата или
списанието, секако, не можете да ги препрашате.
На овој сајт се пренесени теоретските знаења и за други
видови кои најчесто можете да ги најдете кај нас, а за оние видови од кои ние
сме ги одгледувале и од кои сме добиле потомство ќе најдете опширен опис. Освен
тоа, во случај на потреба од уште подетални информации во секое време можете да
го посетите нашиот форум и да поставите прашање за се што ве интересира.
Доколку не сме во можност лично да одговориме, ќе направиме се да добиеме
одговор од други акваристи кои ги познаваме, и за кои гарантираме дека се
мајстори на своето хоби.
На крајот да напоменеме дека најголем учител во секоја
област, па и во оваа е вашето сопсвено искуство. Она знаење кое ќе го добиете
самите, со својот аквариум не може да ви го даде литературата,колку и да е
опширна и добра, а не можеме ни ние, ниту било кој искусен акварист. Тоа знаење
ќе биде само ваше, и ќе биде гарант за секој нареден успех. Наше е само да ви
го олесниме патот до тоа знаење.
Па...СРЕЌНО!